Најголема ѕвезда на Шпанците кои дојдоа во Скопје е нивниот селектор

Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација вечерва од 19.30 часот има чест да ја пречека Шпанија, која е актуелен светски првак, но на стартот на квалификациите за СП 2023, Црвената фурија ќе игра во состав кој не делува ѕвездено и најпознато име е селекторот Серџо Скариоло.

Италијанскиот стручњак е најуспешниот шпански селектор во историјата. Тој како селектор на Шпанија има два олимписки медали, едно светско злато и три освоени европски првенства. Како помошник-тренер на Торонто репторс, Скариоло пред две години освои и шампионски прстен во НБА-лигата.

Скариоло од 2015 година наваму е селектор на Шпанија, а пред тоа функцијата ја вршеше и од 2009 до 2012. Тој ја водеше Шпанија на Евробаскетот во Литванија, кога во полуфиналето на тоа ЕП во 2011 година, предводени од Хуан Карлос Наваро, ја совладаа Македонија. Тоа е и единствениот официјален меѓусебен дуел на Македонија и Шпанија.

Од играчкиот состав што ќе се појави, најпознато име е плејмејкерот Кино Колом. Тој во минатата сезона го носеше дресот на Црвена ѕвезда, а беше во составот и на СП во 2019 година, кога Шпанија стана светски шампион. Колом сега е во АЕК од Атина и е единствен интернационалец, сите други 11-мина играчи се од шпанската лига, која е една од двете најсилни во Европа и тоа покажува дека, сепак, Скариоло ќе има квалитетен состав на располагање, иако ги нема ѕвездите од НБА, Реал Мадрид и Барселона.

- Оглас -

Најнови вести