Најголемите фудбалски трагедии: Од Глазгов, преку Хејсел и Перу до Индонезија (ВИДЕО)

Фудбалот како најважна споредна работа во светот носи радост и забава за милиони фанови ширум светот, но исто така знае да предизвика бројни трагедии на стадионите ширум светот.

Последната трагедија се случи во неделата, во Индонезија, каде што според последните информации, 125 лица ги загубија животите откако полицијата употреби солзавец за да ги растера навивачите кои влетаа на теренот за време на натпреварот меѓу Араме и Персебаја.

Ова не е трагедија со најголем број жртви, таа се случи во Перу, каде што 328 лица ги загубија животите, додека првата трагедија се случи на почетокот на минатиот век во Глазгов.

Шкотска – Првата катастрофа на стадионот „Ајброкс“ во Глазгов се случи на 5 април 1902 година, кога 25-мина навивачи загинаа, а повеќе од 500 беа повредени откако се урнаа трибините за време на натпреварот помеѓу Шкотска и Англија.

Перу – Катастрофата на стадионот „Насионал“ во Лима што се случи на 24 мај 1964 година е најлошата во историјата на фудбалот. Трагедијата се случи за време на мечот меѓу Перу и Аргентина. Една одлука на судијата во корист на Аргентина, ги налути перуанските навивачи, кои решија да упаднат на теренот. Полицијата возврати со фрлање солзавец кон навивачите предизвикувајќи масовен егзодус. Загинатите се претежно луѓе кои страдале од внатрешно крварење или гушење.Официјалниот број на загинати е 328, но се верува дека е многу поголем бидејќи смртните случаи од огнено оружје не биле вклучени во официјалните извештаи за трагедијата.

Аргентина – За време на најголемото аргентинско дерби меѓу Ривер плејт и Бока јуниорс на 23 јуни 1968 година загина 71 лице, а 113 беа повредени. Ова е најголемата катастрофа во историјата на аргентинскиот спорт. Сите загинати биле навивачи на Бока јуниорс.

Шкотска – На „Ајброкс“ стадионот, на 2 јануари 1971 се случи втора трагедија која однесе неколку десетици човечки животи, поточно 66. Трагедија се случи на скалите додека навивачите се обидувале да го напуштат стадионот. Повеќето смртни случаи се предизвикани од гушење, а сите загинати биле помлади од 50 години, додека најмалото дете имало девет години. Трагедијата се случи за време на дербито меѓу Ренџерс и Селтик. Полицијата се сомневала дека причина за трагедијата бил од стадионот на навивач, што предизвикало хаос.

Русија – Една од најголемите спортски трагедии во историјата на поранешниот СССР се случи на стадионот „Владимир Илич Ленин“ во Москва, кој сега е познат како „Лужники“, на 20 октомври 1982 година, и тоа по натпреварот од Купот на УЕФА меѓу Спартак и Харлем. Во стампедото на навивачите на Спартак загинале 66 лица. Бројот на загинатите во оваа несреќа официјално бил откриен дури седум години подоцна.

Англија – Најмалку 56 лица загинаа, а повеќе од 200 се повредени кога избувна пожар на трибините на стадионот во Бретфорд за време на натпреварот од третата англиска лига меѓу Бретфорд и Линколн сити.

Белгија – Една од најголемите трагедии се случи во пресрет на финалето во Купот на шампионите во 1985 година на стадинот „Хејсел“ во Брисел помеѓу Јувентус и Ливерпул, кога англиски хулигани предизвикаа нереди на трибините. Англиските хулигани кои тогаш важеа за најопасни во Европа, со шишиња и пиротехнички материјал ги нападнаа навивачите на Јувентус, а пресметките ескалираа кога поголема група навивачи на англискиот тим ја проби заштитната ограда. Епилогот од нередите се 39-мина загинати навивачи, и тоа претежно на Јувентус и повеќе од 600 повредени. Поради овој овој инцидент, УЕФА тогаш воведе забрана за учество во сите европски натпреварувања за сите англиски клубови. Исто така, 14-мина навивачи на Ливерпул беа прогласени за виновни за убиство од небрежност и секој беше осуден на шест години затвор.

Непал – Повеќе од 90-мина навивачи загинаа во стампедо предизвикано од пороен дожд, кога толпа голем број навивачи се упатија кон заклучените излези на националниот стадион во Катманду, Непал.

Англија – Катастрофата на стадионот „Хилсборо“ се случи на 15 април 1989 година, за време на полуфиналето на ФА купот помеѓу Ливерпул и Нотингам форест. Жртвите буквално беа притиснати до оградите додека другите навивачи се обидувале да влезат на трибините. Од загинатите, 78-мина биле помлади од 30 години, а 38-мина биле деца или тинејџери. Најмладата жртва беше 10-годишниот Џон-Пол Гилули, братучед на поранешниот капитен на Ливерпул и Англија, Стивен Џерард. На тој ден загинаа 94 лица, а во наредните денови и години бројката се искачи на 96-мина загинати навивачи на Ливерпул (вкупно 766 повредени), што е најголем број на загинати на спортски настан во Велика Британија. Неколку години подоцна почина уште еден навивач кој бил во кома, по што официјалната бројка на загинати изнесува 97.

Франција – Рушењето на трибина на стадионот „Фуријани“ во Бастија пред полуфиналето на Купот на Франција помеѓу Бастија и Олимпик Марсеј беше причина за смрт на 18-мина навивачи, а беа повредени повеќе од 2.300 навивачи. Инцидентот се случи на 7 мај 1992 година. Во спомен на жртвите, францускиот парламент донесе закон со кој се забранува играње професионални натпревари на тој датум.

Гватемала – Вкупно 82 лица загинаа, а најмалку 147 се повредени кога стампедо од навивачи урна дел од трибините и скалите на стадионот во Гватемала сити за време на квалификацискиот натпревар за пласман на Светското првенство меѓу Гватемала и Костарика во 1996 година

Јужна Африка – Најмалку 43 лица загинаа кога навивачи се обиделе насилно да влезат во трибините на стадионот „Елис Парк“ во Јоханесбург за време на натпревар од домашното првенство во 2001 година.

Гана – Истата година во стампедо на националниот стадион во Акра, кога полицијата употреби солзавец кон навивачите, загинаа 126 луѓе. Ова е најголема фудбалска трагедија во Африка.

Брег на Слонова Коска – Најмалку 19 луѓе загинаа за време на стампедо на стадионот „Феликс Хуфу-Боанџи“ во Абиџан пред натпреварот од квалификациите за Светското првенство помеѓу Брегот на Слоновата Коска и Малави во 2009 година.

ЕгипетНајмалку 74 лица беа убиени и повеќе од 500 се повредени во нередите што настанаа за време на натпреварот од египетскиот шампионат меѓу Ал-Масри и Ал-Ахли во 2012 година. Навивачите на Ал-Масри веднаш по триумфот од 3-1 на нивниот тим влетаа на теренот и ги нападнаа гостинските фанови користејки шишиња, камења, метални шипки и пиротехника.
Истрагата покажа дека голема вина за трагедијата сноси полицијата, која ги затворила вратите од стадионот и не им дозволила на гостинските навивачи да го напуштат стадионот.

 

- Оглас -

Најнови вести