Наполи минимално со 1:0 го победи Јувентус во дербито од 21. коло на Серија А. Лоренцо Инсиње беше стрелец на единствениот гол доволен за три бода на домаќините. Инсиње погоди од пенал во 31 минута, откако ВАР системот потврди дека имало прекршок од Џорџо Кјелини во шеснаесетникот на гостите.
По еден воздушен дуел, Кјелини без потреба со рака удри еден домашен фудбалер, а тоа го забележа видео надзорот, па судијата по асистенција на повторената снимка покажа на белата точка. Со погодокот, Инсиње стана само седмиот фудбалер кој стигнал до 100 погодоци во дресот на Наполи, а е единствен кој е роден во Италија.
На спротивната страна Кјелини кој беше виновник за пеналот, го одигра 400 меч во Серија А, а по јубилеен 500-ти пат беше стартер во дресот на Јувентус, во сите натпреварувања. Искусниот Кјелини на крајот по лошо ќе го памти дербито, затоа што неговиот непромислен потег донесе пенал за Наполи, а домаќините со голот од белата точка на крајот стигнаа и до победата. Голот може да го видите ТУКА.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во игра влезе во 65 минута и одигра солидни речиси 30 минути. Наполи по оваа победа стигна до 40 бодови, додека Јувентус остана на 42 бодови и остана на седум негатива во однос на лидерот Милан, кој вечерва ќе гостува кај Специја.