Златните малини на Реал Мадрид – Вудгејт уште го мрази Кралскиот клуб, Касано вели: Требаше да ме убијат

Реномираниот шпански медиум АС ги одбра најлошите 11 трансфери на Реал Мадрид во историјата на гигантот и најтрофеен европски клуб, а конкуренцијата беше голема.

Место има само за стандарден тим од 10-мина играчи и голман, а има познати светски ѕвезди што не успеаја во Реал Мадрид, иако имаа добра кариера во други клубови.

Голман е Албано Бизари, Аргентинец што бранеше до лани во Италија, а пристигна во Кралскиот клуб во 1999 година. Имаше несреќа да им биде конкурент на Касилјас и на Илгнер, па бранеше само 7 пати за Реал, но и му се радуваше на пехарот во Лигата на шампионите во сезоната 1999/00.

Бекови се Уругваецот Диого и Србинот Спасиќ. Првиот не се вклопуваше во концепцијата на Фабио Капело, па стигна дури и до Бугарија, но побегна само за 15 дена откако потпиша за ЦСКА Софија.

Спасиќ беше репрезентативец на Југославија и пристигна во Реал како засилување, но беше малер да си даде автогол на Ел Класико против Барселона и епизодата во Мадрид брзо заврши за него.

Џонатан Вудгејт и Фабио Куентрао им прават друштво на Диого и на Спасиќ во одбранбената четворка и тие двајца се меѓу најскапите утки на Реал.

Вудгејт беше платен 18 милиони евра при трансферот од Лидс, а вели дека и ден денеска го мрази Реал.

„Го разбирам Бејл и знам како му е. Реал е одвратен клуб“, изјави неодамна Вудгејт. Куентрао беше доведен како голема ѕвезда, но не покажа ништо во белиот дрес, а аналитичарите објавија дека секоја минута на теренот го чинеше Кралскиот клуб околу 50 илјади евра.

Во средниот ред се Гравесен, Гарсија и Фобер. Данецот пристигна од Евертон во Реал и одигра само 40 натпревари. На Гарсија веројатно не се сеќаваат ниту најзапалените навивачи на Кралевите, а брзо беше испратен на неколку позајмици со никаква минутажа во Реал.

Слично беше и со францускиот фудбалер Фобер, кој пристигна како позајмен играч од Вест хем. За него велат дека бил шокиран кога му соопштиле дека ќе се сели на „Сантијаго Бернабеу“, а одигра само два натпревари за Реал Мадрид.

Слично мина и Елвир Баљиќ, босанскиот репрезентативец што беше најавен како голем талент, но одигра само 11 меча за Реал. Баљиќ беше дел од тимот што ја освои европската круна во ЛШ во сезоната 1999/00.

Најголемото име во дрим-тимот со утки е Антонио Касано. Италијанскиот репрезентативец имаше одлична кариера, но и лоши моменти во Мадрид. За година и пол како играч на Реал одигра 29 натпревари и даде само 4 гола, иако беше доведен како класа напаѓач. Имаше безброј афери и вишок килограми при престојот во Реал Мадрид, а самиот вели дека тој бил виновен за потфрлањето.

„Бев неподнослив и требаше да ме убијат“, е легендарната изјава на Касано што кажува сè за неговиот неуспех во Мадрид.

Последната алка во тимот на најголеми утки на сите времиња е Ројстон Дренте. Холанѓанецот беше еден од најголемите таленти и Реал го плати 14 милиони евра во 2007 година, при трансферот од Феенорд.

За пет години минати во кралскиот клуб Дренте одигра само 46 натпревари, без посебен ефект, а беше и на доста позајмици. Моментно сè уште игра и е член на холандскиот третолигаш Козакен бојс.

Еве ги Златните малини на Реал Мадрид:

Голман: АЛБАНО БИЗАРИ

Одбрана: КАРЛОС ДИОГО, ПРЕДРАГ СПАСИЌ, ФАБИО КУЕНТРАО, ЏОНАТАН ВУДГЕЈТ

Среден ред: ТОМАС ГРАВЕСЕН, ПАБЛО ГАРСИЈА, ЖУЛИЕН ФОБЕР

Напад: АНТОНИО КАСАНО, ЕЛВИР БАЉИЌ, РОЈСТОН ДРЕНТЕ

 

 

- Оглас -

Најнови вести