Кулминацијата од групната фаза на Европското првенство се случи на последниот ден пред стартот на нокаут-мечевите. Се играа четири средби, осум селекции беа во игра за влез во осминафиналето, а на крајот фаворитите не дозволија изненадување.
Тоа што беше впечатливо за вчерашните мечеви е ефикасноста. На четирите средби беа постигнати вкупно 18 погодоци, па тоа е доволно за 23 јуни 2021 година да биде запишан како најефикасен ден во историјата на Европските првенства. Никогаш претходно немало толку многу голови во еден ден, во просек 4,5 на натпревар.
Гол-шоуто започна со вториот најбрз гол, што е дело на Форсберг од Шведска, а потоа следуваше комичниот автогол на голманот на Словачка, Мартин Дубравка. На крајот, Шведска со 3:2 ја победи Полска, а Шпанија ја торпедира Словачка со 5:0.
Во вечерниот термин, во Групата на смртта имаше многу драма. На крајот и двата меча завршија идентично, Германија – Унгарија 2:2, Португалија – Франција 2:2, а трите европски велесили се најдоа во нокаут-фазата.
Вкупно на 36 средби одиграни досега, постигнати се 94 погодоци, односно 2,62 по натпревар, односно погодок паѓа на секои 34 минути игра. Најмногу голови се постигнати во периодот од 46-60 минута, дури 22. Во периодот од 61-75 минута има 18 погодоци, а од 76-90 минута вкупно 16 пати се треселе мрежите. Првите полувремиња се понеефикасни и вкупно досега имало 35 погодоци, додека во вторите 45 минути постигнати се вкупно 59 гола.