Романија, Белгија и Словачка се радуваат на место во осминафиналето, а Украина го заврши настапот на Европското првенство, по комплетирање на групата Е. Неверојатен е фактот дека сите четири селекции завршија со по 4 бодови, но за една нема место во следната фаза.
Словачка и Романија одиграа 1:1, а Белгија и Украина завршија без погодоци, па на крајот од групата, најмногу ќари Романија која заврши како првопласирана поради најдобрата гол-разлика (4:3). Втора е Белгија со гол-разлика 2:1, а Словачка е на нула во гол-разликата (по три дадени и три примени гола). Украина извиси поради најлошата гол-разлика од два дадени и четири примени гола.
Единствените возбудувања на двата меча беа во првиот дел на дуелот Словачка – Романија. Дуда погоди во 24 минута за водство на Словачка, но само 13 минути подоцна Марин со гол од пенал израмни на 1:1. До крајот на мечот немаше промени.
Белгија беше фаворит против Украина, но во финишот на дуелот се бранеше и чекаше да заврши 0:0, за да одат понатаму.