Најлудите мечеви од Топ-5 лигите останаа за крај – Лил победи со пресврт, Селта во меч со 7 гола го надигра Бетис (Видео)

Двата меча за крај од Топ-5 лигите беа исклучително возбудливи, а победи славеа гостите од Лил и од Виго.

На „Роазон“ парк Лил го победи Рен со 3:1 со пресврт во последниот меч за денеска во француското првенство.

Гуири постигна гол за Рен во првата минута, но второто полувреме им припадна на гостите, кои победија со головите на Жегрова, Кабела и на Гомес.

Возбудливо беше и во Севилја, а во меч со многу интензитет што траеше 102 минути и со 7 гола, Селта го победи Бетис.

И тука имаше пресврт, па Бетис поведе со 2:1, откако гостите први дадоа гол, за потоа Селта да постигне три гола по ред за 2:4.

Фекир погоди од пенал во финишот и намали на 3:4 со најава за нова драма, но Бетис не успеа да даде уште еден гол и да се спаси од пораз.

Блескаше 20-годишниот Габриел Веига со два гола за Селта, а првиот за 2:2 во 42. минута беше мајсторски.

Лука дела Торе го проигра со петица на импресивен начин, а Веига одлично се снајде и го лобуваше Силва.

Крајот на мечот во Севилја донесе и два црвени картони, по еден на двете страни, но резултатот остана 3:4 за Селта.

- Оглас -

Најнови вести