Германскиот репрезентативец и член на Борусија Дортмунд, Марко Ројс, на крајот од сезоната може да ја напушти Бундеслигата и да потпише за Манчестер јунајтед, пишуваат англиските медуми.
Договорот на Ројс со Борусија истекува на крајот од сезоната, а медиумите пишуваат дека неговиот агент веќе имал неколку разговори со челниците на Манчестер јунајтед и исходот од нив бил позитивен, односно и двете страни сакаат да потпишат договор.
Ројс во професионалната кариера има настапувано само за три тима, прв клуб во кариерата му бил Рој Вајс Ахлен, а потоа потпиша за Борусија Менхенгладбах. Во редовите на Борусија Дортмунд пристигна во 2012, за која одигра 252 натпревари во Бундеслигата и постигна 110 гола.
Марко Ројс се смета за најмалерозен фудбалер на денешницата бидејќи редовно се повредува пред Европските и Светските првенства. Ројс требаше да биде дел од репрезентацијата на Германија на СП во Катар, но се повреди на неколку недели пред стартот на Мундијалот.
Во 2014 година, кога Германија стана светски шампион, Ројс исто така не настапи поради повреда. Поради повреда ги пропушти и настапите на ЕП 2016 и на Евро 2020. Единствен настап на големо натпреварување му беше Мундијалот во Русија 2018 година, кога Германија не ја помина групната фаза.