Најмладите тренери во Премиер лигата се борат за најстариот трофеј во Англија

Со финалниот натпревар од ФА купот кој почнува во 18.30 часот, вечерва се спушта завесата на сезоната во елитниот фудбал во Англија, а дуелот на Арсенал и Челзи на „Вембли“ е интересен и поради тоа што ќе се надмудруваат најмладите тренери во Премиер лигата. Микел Артета од Арсенал и Френк Лампард од Челзи заедно имаат 70 години.

Така, најмладите тренери ќе се борат за пехарот во најстарото натпреварување во Англија. На трибините нема да има публика, но играчите веќе се навикнаа на таква атмосфера.

Шпанецот Артета има 38 години и 128 дена, а од другата страна е Лампард со 42 години и 42 дена. И едниот и другиот имаат шанса својата прва целосна сезона како главни тренери, да ја крунисаат со голем трофеј. Арсенал оди по 14-тиот трофеј во ФА купот со што би го подобриле рекордот. Една од титулите им беше во 2014 година, кога пехарот прв го крена Артета. Тој може да биде првиот во историјата што го освоил ФА купот како капитен и како тренер на Топчиите.

„Храброст, цврстина и интелигенција, тоа се заедничките особини на Артета и Лампард, затоа пред нив е светла иднина во тренерските кариери“ – пишува во анализа на ББЦ. Двајцата имаат тактичка флексибилност, брзо учат, имаат добро менаџирање на играта, и тоа им помага да прават добри резултати.

Лампард сезонава еднаш го надмудри својот учител Жозе Мурињо, а Артета после поразот во лигата, ги научи грешките и му врати на Пеп Гвардиола во ФА купот.

Челзи атакува на деветтиот трофеј во ФА купот. Тоа би им било награда за добрата сезона во која обезбедија место во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести