На 20 септември, кога во Лајпциг ќе гостува Мајнц, на трибините на стадионот во Лајпциг ќе има 8.500 гледачи. Ред Бул Лајпциг е единствениот клуб од Бундеслигата кој доби дозвола да игра со ограничен број публика и тоа ќе предизвика негодување кај останатите.
Она што го одвојува Лајпциг е тоа што се наоѓа во покраината Саксонија, а регионалната влада во тој дел самостојно носи одлуки. Канцеларката Ангела Меркел и премиерот на областа Баварија се против одржување големи спортски настани до крајот на годината, но Лајпциг има поддршка од премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер.
Ќе има ограничување на бројот на гледачи, а на мечот Лајпциг – Мајнц на трибините ќе смее да бидат само жители на Саксонија и сите ќе мора да носат маски.
Неколку клубови (Келн, Шалке, Борусија Менхенгладбах) тестираа како би изгледало играњето со 200-300 гледачи. Ако во Лајпциг се положи тестот и нема никакви последици од играњето со публика која држи дистанца и носи маски, веројатно и другите клубови ќе се охрабрат да го следат чекорот кон постепено враќање на навивачите на трибините, од што сите би имале корист.
Како што стојат работите во моментов, Минхен е најзагрозен (просек од 29 заразени на 100.000 жители) од градовите кои имаат прволигаш во Германија, па шампионот Баерн нема толку брзо да има прилика да игра со поддршка од трибините.