Најпознатиот англиски судија побара да не суди затоа што доби смртни закани

Еден од најдобрите англиски судии Мајк Дин денеска побара да не биде делегиран за следното коло од Премиер лигата откако на социјалните мрежи добил повеќе смртни закани кон него и неговото семејство. Дин беше во фокусот на вниманието во последните две кола, кога исклучи дури тројца играчи, од кои два се покажа дека биле престрого.

На дуелот Манчестер јунајтед – Саутхемптон најпрво оправдано беше исклучен Јанкевич, но потоа „сомнително“ беше зошто Беднарек доби црвен картон по еден дуел со Марсијал во шеснаесетникот.

Три дена подоцна, на мечот Фулам – Вест хем, во последните моменти од средбата беше исклучен Томас Сучек поради ненамерно удирање на Александар Митровиќ.

„По мечот разговарав со Митровиќ и тој ми потврди дека се работеше за чист дуел. Му благодарам за тоа, иако судијата имаше поинакво мислење. Секој што ме познава, знае дека никогаш намерно нема да повредам играч“, рече Сучек по мечот на којшто беше исклучен.

Вест хем и Саутхемптон вложија жалби за црвените картони на Сучек и Беднерек, а дисциплинската комисија ги поништи црвените картони, па фудбалерите ќе може да играат на следните мечеви за своите клубови. Дин ќе суди в среда, на мечот од ФА купот меѓу Лестер и Брајтон, но најверојатно ќе го нема на листата на арбитри за следното коло во Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести