Френк Лампард, менаџерот на Челзи, наводно им дал инструкции на клупските оперативци да го продадат голманот Кепа Аризабалага. Се чини дека шпанскиот чувар на мрежата ја загуби довербата кај својот предводник по лошите настапи кои ги бележи оваа сезона, што значи дека Сините во текот на летниот преоден рок ќе се пуштат во потрага по нов голман.
Изминатиот викенд Лампард одлучи да му даде шанса на ветеранот Вили Кабалјеро во дуелот против Лестер, а првиот избор Кепа седеше на клупата. Такво сценарио најверојатно ќе се гледа и во следниот период.
Кепа минатото лето го замени Тибо Куртоа меѓу диреците и стана најскап голман на планетата откако Челзи исплати рекордни 80 милиони евра на Атлетик Билбао, меѓутоа оваа сезона брани далеку од својот потенцијал и најверојатно ова ќе му биде последна сезона на „Стемфорд бриџ“. На вкупно 43 натпревари, Аризабалага прими 31 погодок, додека само шестпати успеа да ја сочува мрежата.