Во светот на фудбалот се играат многу финални мечеви кои носат трофеи и признанија. Сепак, само еден меч го има приматот за најскап во историјата и во него играат второлигашки екипи.
Се работи за финалето во плејофот во англискатата Чемпионшип, каде што екипите се борат за влез во Премиер лигата. Во плејофот влегуваат екипите кои во првенството завршиле од третото до шестото место. Се играат два полуфинални дуели, а потоа победниците играат финале на „Вембли“. Победникот добива место во Премиер лигата.
Овој популарен плејоф-систем во иднина може да има нов формат и да настане „лудница“. Од фудбалската асоцијација на Англија (ФА) размислуваат во иднина во плејофот да бидат вклучени и екипите кои ќе завршат и на седмото и на осмото место во првенството.
Оваа идеја веќе наиде на одобрување на поголем дел од клубовите. Тоа што е важно е дека екипите кои ќе играат во плејофот нема да имаат зголемен број мечеви (досега беа вкупно три).
Екипите кои ќе бидат на третото и четвртото место би обезбедиле директно место во полуфинале. Петопласираниот тим би играл четвртфинале со осмиот на табелата, а во второто четвртфинале би играле шестиот против седмиот на табелата.
Во четвртфиналето би имало само еден меч, и тоа на теренот на подобропласираниот тим. Екипите кои се на третото и четвртото место ќе имаат предност на домашен терен. Третата екипа на табелата ќе игра со подобриот од четвртфиналето во кое ќе играат шестиот и седмиот на табелата. Четвртиот на табелата ќе го чека подобриот од дуелот меѓу петиот и осмиот на табелата.
Финалето повторно би се играло на „Вембли“, а победникот ќе игра во Премиер лигата во следната сезона.