Репрезентацијата на Сент Китс и Невис го победи Сан Марино на гостински терен со 3:1, иако европската селекција беше таа која прва постигна гол. Сан Марино поведе со погодокот на Филипо Берарди од пенал во 21-вата минута и домаќините тогаш се понадеваа дека можеби е дојден денот да се стави крај на една неверојатно лоша серија. Сепак, на крајот домаќините си заминаа разочарани затоа што Сент Китс и Невис уште до крајот на полувремето направија пресврт и со два гола стигнаа до водство од 2:1, а на почетокот на вториот дел гостите кои доаѓаат од островот во Карипското море и третпат погодија за сигурна победа.
Сан Марино не само што е најслаба репрезентација во Европа, туку тоа е најслаборангираната селекција во светот и не случајно е последна на ФИФА-листата, на 210-тото место. Со овој пораз, Сан Марино ја продолжи неверојатната низа од 138 меча на кои нема победа. Последен пат Сан Марино победи против Лихтенштајн со 1:0 во април 2004 година, што значи дека 20 години немаат можност за радост.
Охрабрувачки за Сан Марино може да е фактот дека ова е рекорден четврти натпревар по ред на кој постигнуваат барем еден гол. Репрезентативците, кои инаку не се професионални фудбалери, погодуваа во дуелите со Данска (1:2), Казахстан (1:3), Финска (1:2) и сега против Сент Китс и Невис (1:3).