Речиси цела спортска Италија вчера се прости од Синиша Михајловиќ, човекот кој скоро 30 години помина на „чизмата“ како фудбалер, а потоа и како тренер. Михајловиќ почина на 53 години, во болница во Рим по долготрајна борба со леукемијата. Оваа вест за смртта на Миха ги потресе сите љубители на фудбалот, како во Италија, така и на Балканот, каде што беше омилен на многу генерации.
Се редеа клубовите и фудбалерите кои искажуваа жалење за смртта на Михајловиќ кој во Италија како фудбалер или тренер беше дел од Рома, Сампдорија, Лацио, Интер, Болоња, Катанија, Фиорентина, Милан и Торино. Сите овие клубови веднаш преку социјалните мрежи упатија порака за жалење за смртта на Михајловиќ. Дури и екипите како што се Рома, Наполи и останатите во кои Михајловиќ не работел, веднаш испратија порака со жалење.
Од големите италијански клубови, единствено Јувентус на официјалниот свој твитер канал не напиша посебна порака за Михајловиќ, но Старата дама сепак реши да „ретвитне“ пост на Андреа Ањели кој постираше фотографија од Миха со пораката „Не само слободни удари, туку и вистински слободен дух сега“.