По завршувањето на долгата и успешна авантура со Реал Мадрид, Марсело не се брза да најде нов клуб и уште одмара како слободен агент во последните денови од преодниот рок.
Сепак, најтрофејниот Крал со 25 трофеи, наскоро може да го смени статусот, откако Баер Леверкузен покажа интерес за неговите услуги. На Фармацевтите им е потребно искуство во екипата по катастрофалниот старт на сезоната, а Марсело го нуди токму тоа со своето шампионско реноме. Се верува дека понудата важи за едногодишен ангажман, исто како понудите на Ница и Монца, па сега последниот збор го има само Марсело, пред кого стои опција и да се врати во родниот Бразил.
Леверкузен е без бодови и при самото дно во Бундеслигата по три кола, а веќе отпадна и од конкуренција за пехарот во германскиот Куп. Потребен е пожарникар кој ќе го гаси пожарот на „Бајарена“, а дали ќе биде Марсело, ќе се дознае во наредните денови.