Фудбалскиот свет речиси две недели е замрзнат, а тоа создаде неверојатно големи проболеми. Одложено е Европското првенство кое летово требаше да се игра во 12 различни земји, а на сметка на тоа да може да се комплетираат домашните првенства и да завршат турнирите во Лигата на шампиони и Лигата на Европа.
Прогнозите се дека пандемијата предизвикана од Коронавирусот ќе стивне во следните месец дена и дека најдоцна на почетокот на мај ќе може да се вратат фудбалските возбудувања. Сепак, германскиот професор Јонас Шмит-Чаназит од институтот во Хамбург, предупредува на најцрните можни сценарија.
Шмит-Чаназит вели дека има голем сомнеж околу тоа дека фудбалот повторно би се вратил во мај, па дури и да се игра без публика.
„Враќањето на фудбалот ќе зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата. Сепак, тешко дека ќе може да се игра фудбал и без публика за брзо време, затоа што и кога нема гледачи на трибините, луѓето се групираат и заедно гледаат фудбал. Има многу работи на кои треба да се внимава и на тоа што може да претставува потенцијална опасност“, вели професорот Шмит-Чаназит.
Студијата на институтот „Бернхард Нот“ покажува дека можно е да се случи професионалниот фудбал во Европа на сцена да се врати дури во 2021 година, што секако е неверојатно лоша варијанта за сите љубители на најважната споредна работа во светот.