Приказната на Валентин Вашеро е најубавата што беше испишана оваа сезона на елитните тениски турнири. Прилично анонимниот тенисер од Монако на Мастерс 1000 турнирот во Шангај пристигна како 204-ти рангиран на АТП-листата, а од Кина си замина како шампион.
Вашеро воопшто не ни очекувал да биде дел од Мастерсот во Шангај бидејќи според неговата позиција на АТП, немаше пристап на ваков силен турнир. Сепак, во калкулациите на Вашеро важно било да има голем број на откажувања на подоброрангираните тенисери за да се отвори место тој да добие шанса за настап. Така и се случи, па Вашеро доби шанса да игра во Шангај, а на крајот го освои трофејот.
„Кога се пријавив за турнирот во Шангај беше речиси неверојатно дека може да играм таму. Бев на 22-рото место под цртата на тенисери кои може да играат. Сепак, знаев дека е крај на сезона и дека голем број од тенисерите ги откажуваат настапите. Кога стигнав во Шангај, бев на деветтото место под цртата за играчи кои треба да настапат. Само на 36 часа пред првиот меч дознав дека ќе играм“, вели Вашеро.
Сепак, кога сите коцки ќе се вклопат, се случува тоа да се добие шанса за настап. Вашеро започна со две победи во квалификациите, а потоа стигна и до главниот турнир, каде што направи чудо кое се случува еднаш во 100 години.
На главниот дел од турнирот, Вашеро по ред победуваше тенисери кои се многу подобри од него. Пред него „паднаа“: Ласло Ѓер, Александар Бублик, Томаш Махач, Талон Грикспор, Холгер Руне, Новак Ѓоковиќ и Артур Риндеркнес. На крајот тој го подигна шампионскиот пехар.
„Ова што се случи е нереално. Не можам да сфатам што се случува. Ова не е сон. Пресреќен сум како играв во изминативе две недели. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ми помогнаа од почетокот на кариерата. Ова е неверојатна приказна“, пресреќен коментираше Вашеро, кој од денеска е на 40-тото место на АТП-листата, што значи дека напредуваше за над 160 позиции.