Најубавата тениска приказна: Го победи ракот, а потоа во дебито славеше над петиот тенисер во светот

За тенисерот Рајан Пенистон речиси и никој да немаше слушнато, но тоа полека се менува. Се работи за 26-годишен британски тенисер кој со вајлд-карта доби шанса да настапи на АТП Тур и максимално ја искористи.

Во дебитантскиот настап на еден ваков голем тениски турнир, на познатиот Квинс, Пенистон по голема борба и повеќе од два часа играње, со 7:6, 7:6 го победи петиот носител Каспер Руд, што е една од најголемите тениски сензации за оваа година.

Оваа победа за Пенистон е најголема во кариерата, тенисерот кој има тешка животна приказна зад себе. Уште како бебе на Рајан му бил откриен рак на мекото ткиво и веднаш морал да почне борба за живот. Му биле направени операции, одел на хемотерапија, пиел силни апчиња.

„Тешко е да гледам во минатото. Не се сеќавам ништо како дете. Не бев ни свесен колку била тешка таа ситуација. Дури откако пораснав, родителите ми раскажаа што се случувало. Хемотерапијата влијаеше на мојот раст. Бев многу мал. Другите деца на 14 години можеа добро да сервираат, а јас не можев. Кога имам тежок ден, се присетувам на сето тоа што го имам поминато во претходните 25 години“, раскажува Пенистон.

Тенисерот кој е на 180-тото место на АТП-листата денеска ќе се обиде да ја продолжи бајката на Квинс и во осминафиналето да го победи Аргентинецот Франциско Серундоло, кој е на 46-тото место на АТП-листата.

Мотив повеќе за Пенистон е и фактот дека тој доби специјална покана за настап и на неофицијалното светско тениско првенство, популарниот Вимблдон.

- Оглас -

Најнови вести