Шпанија и Англија вечерва во 21 часот на Олимпискиот стадион во Берлин ќе го играат финалето на Европското првенство. Репрезентациите под водство на селекторите Луис де ла Фуенте и Гарет Саутгејт досега немаат претрпено пораз на турнирот.
Шпанија во групата Б ги победи Хрватска, Италија и Албанија, а во нокаут-фазата ги елиминираше Грузија, Германија и Франција, додека Англија во групата Ц ремизираше со Данска и Словенија, ја победи Србија, а по продолженија или пенали во нокаут фазата ги елиминира Словачка, Швајцарија и Холандија.
Пред почетокот на турнирот, УЕФА објави дека победникот на годинашното Европско првенство ќе добие богат бонус од 28,25 милиони евра. Овој износ се дели меѓу федерацијата, играчите и стручниот штаб.
Во случајот на Шпанија, договорено е дека 30 проценти од бонусот од турнирот ќе бидат поделени меѓу играчите. Сепак, процентот за играчите ќе порасне на 40 проценти доколку вечерва ја освојат титулата.
Ако и донесат четврто злато на Шпанија, меѓу фудбалерите ќе бидат поделени 11,3 милиони евра, односно секој од нив ќе добие по 430.000 евра.
Во случајот на Англија, не е познато каква поделба на бонусот е договорена.