Калин Ивановски денеска може да стигне и до полуфиналето на Вимблдон во јуниорска конкуренција, а за таков подвиг му требаат две победи на теренот број 3.
Македонскиот тениски бисер со две победи се проби до осминафиналето, а денеска му е најважниот ден на почетокот на кариерата.
Во 12 часот ќе треба да игра против најдобриот британски јуниор Џек Пинингтон Џонс и ако го победи, ќе игра за полуфинале против победникот од дуелот меѓу Американецот Виктор Лилов и Чехот Војтех Петр.
Интересно е што во таква комбинација Ивановски би останал долго на теренот број 3 на Вимблдон бидејќи и двата меча се проектирани да се играат на тој терен.
Пинингтон Џонс ќе биде првата пречка за подвиг, а се работи за најдобриот британски јуниор и член на спортската агенција на познатиот Енди Мареј.
Има 18 години и е едно лето повозрасен од Калин, а во мај годинава потпиша договор со „77 Спортс менаџмент“, агенција на славниот британски тенисер Енди Мареј, кој е трикратен гренслем-шампион, со две титули освоени токму на Вимблдон.
Најавено е дека овој меч ќе се пренесува директно на Спорт Клуб 1 со почеток точно напладне.