Најзамрсено е во нашата група, но има многу комбинации и во другите

Хрватска, Португалија и Норвешка се пласирани во втората фаза на ракометното Европско првенство, Франција, БиХ и Србија немаат шанса да одат понатаму, a тоа значи дека дури 18 тима се во конкуренција за деветте слободни места меѓу 12-те најдобри.

Во групата А, Хрватска е сигурен патник понатаму, Србија е во аут, додека за второто место се борат Белорусија и Црна Гора, кои од 18.15 часот во директен дуел одлучуваат. Црна Гора мора да победи, а на Белорусите им одговара и нерешен исход.

Во нашата група Б има еден куп комбинации. Дури и Украина може да биде втора, ако Македонија загуби од Австрија, а Украинците ја совладаат Чешка барем со два гола разлика. Македонскиот тим треба да ја совлада Австрија барем со два гола разлика, а ќе ни заврши работа и минимална победа, но ако дадеме над 31 гол. Со победа од 31-30, ќе ни треба Чешка да не ја победи Украина со повеќе од еден гол разлика. Ако победиме со 31-30, ни одговара победа на Чешка над Украина со резултат 26-25. Ако Македонија ја совлада Австрија, црвено-жолтите одат понатаму доколку Чешка не триумфира против Украина. Ако Чесите загубат од Украина, Македонија и со нерешено оди понатаму.

И во групата Ц сите имаат шанса. Шпанија е речиси во Топ 12, но не смее да загуби од Холандија со повеќе од девет гола разлика. Дури и со пораз од десет разлика има шанса доколку Германија киксира против Летонија. Германија треба да победи со каква било разлика против Летонија, а и нерешено им врши работа ако Шпанија не загуби од Холандија. Теоријата на Холандија е да победи против Шпанија и да чека кикс на Германците, а за сигурен пласман треба да ја победи Шпанија со двоцифрена разлика. Летонија мора да слави со десет гола разлика против Германија, што е научна фантастика.

Во групата Д нема дилеми, Норвешка и Португалија одат понатаму, а Франција и БиХ се елиминирани. Во групата Е одиграно е само едно коло.

Во групата Ф, Словенија е на пол-позиција и за место понатаму треба да не загуби од Швајцарија со повеќе од седум разлика. На Шведска ѝ треба каква било победа над Полска, а со нерешено ќе чека и Словенија да не загуби од Швајцарија. Швајцарците ќе се пласираат ако ја победат Словенија и притоа Шведска да не ја победи Полска. Најмали шанси имаат Полјаците. Им треба победа барем од 11 разлика над Шведска и пораз на Швајцарија од Словенија.

- Оглас -

Најнови вести