Антоан Гриезман требаше да биде лидерот на „новата“ Барселона во која го нема Лионел Меси, но тој е само бледа сенка и засега нема никаков придонес врз резултатите на екипата на Роналд Куман.
Каталонците два од трите натпревари во шпанското првенство досега ги одиграа на домашен терен, славеа со 4-2 над Сосиедад и 2-1 над Хетафе, а речиси при секој допир со топката навивачите го исвиркуваа Гриезман.
Во воведното коло Французинот стигна до јубилеј од 100 настапи за Барселона, но уште се чека на негов гол или пак асистенција во новата сезона, иако составот на Куман во три меча реализира вкупно седум погодоци.
Од вкупно четири обиди на Гриезман, ниту еден не е во рамките од противничкиот гол, досега ниеднаш нема креирано опасна шанса по која неговите соиграчи би постигнале погодок, што навистина го потврдува слабиот старт на офанзивецот за кого беа потрошени 120 милиони евра пред две години.
Следува репрезентативната пауза во која Гриезман настапувајќи за Франција, би можело да ја поврати формата и потоа да ја пренесе на клупски план доколку сака да прекинат свирежите од трибините на негова сметка.