Наместо голите колена на судијката, гледаа панорама на Лондон

Дербито во Премиер лигата меѓу Тотенхем и Манчестер сити во Иран се пренесуваше на малку поинаков начин. Како што пишува „Дејли мејл“, повеќе од 100 кадри за време на дербито беа „пресечени“ и пополнети со кадри од панорамски снимки на стадионот и на дел од лондонските улици.

Причина за овој необичен пренос е линиската судијка Сијан Миси-Елис, која е еден од најдобрите судии во Англија. Таа беше покрај аут-линијата во стандардната судиска опрема која ги открива колената и дел од бедрата на нозете. Според строгите исламски закони кои владеат во Иран, телевизијата ги цензурира сите кадри каде што има жена во кратки панталони.

Од 1979 година жените задолжително треба да носат хиџаб, а дури пред две години им беше дозволен влез на фудбалските стадиони, откако ФИФА се закани дека ќе ја суспендира оваа членка. На еден од последните мечеви, тој против Камбоџа, на стадионот, кој има 80.000 гледачи, имаше резервирани 4.000 места за жени. Тие седеа во посебно ограден сектор на трибините со обезбедување од полиција.

 

- Оглас -

Најнови вести