Францускиот кошаркарски ас Нандо де Коло ќе ја заврши својата професионална кариера по крајот на оваа сезона, потврди тој во последното интервју.
„Не реков дека ќе се повлечам ако ја освоиме Евролигата. Сега ќе бидам јасен, ова ќе биде мојата последна сезона“, изјави Де Коло.
„Размислував за тоа од почетокот на сезоната. Веќе ми е во главата дека ова ќе биде мојата последна сезона“, додаде искусниот кошаркар.
Де Коло пристигна во Фенербахче од Асвел со надеж дека може да ја освои Евролигата и на тој начин да ја круниса својата импресивна кариера.
За време на својата 20-годишна кариера ги носеше дресовите на Соле, Валенсија, Сан Антонио спарс, Торонто репторс, ЦСКА Москва, Фенербахче и на Асвел.
Де Коло има две титули од Евролигата со ЦСКА Москва и беше МВП на Евролигата, што дополнително го потврдува неговиот статус како еден од најдобрите европски кошаркари.

