Напаѓач на Косово ќе биде наследникот на Левандовски во Барселона?

Барселона, по сè изгледа, го пронајде наследникот на Роберт Левандовски. Станува збор за напаѓачот на Хофенхајм и репрезентативецот на Косово, Фисник Аслани.

Левандовски ги брои последните денови во Барселона. Легендарниот Полјак ги пакува куферите и по четири години заминува, а кариерата најверојатно ќе ја продолжи во САД.

Барселона одамна бара наследник, а новата „деветка“ на каталонскиот гигант најверојатно треба да биде Фисник Аслани.

Агентот на 23-годишниот фудбалер потврди преговори со Барса околу трансферот, а наскоро сè може да стане официјално.

Покрај Барселона, за Аслани има интерес и од други големи клубови како Челзи, Борусија Дортмунд, Баерн Минхен и Тотенхем. Сепак, интересот на Барселона за него е нешто посебно.

„Мојот најголем сон е Барселона. Првиот дрес што го добив беше дрес на Барса и од тој момент сакам да играм за тој клуб. Растев гледајќи легенди како Суарез, Меси, Нејмар, Чави, Иниеста и Бускетс. Секогаш сум сонувал да играм таму, ништо не се сменило. Целта ми е еден ден да го облечам дресот на Барселона“, призна Аслани.

Оваа сезона, Фисник Аслани оствари девет голови и осум асистенции во 28 натпревари за Хофенхајм, чиј член е од 2020 година. Покрај тоа, беше на позајмици во Австрија Виена и во Елверсберг, а кариерата ја започна во младинските категории на Унион Берлин.

Аслани настапуваше за младинските селекции на Германија, но избра да настапува за А-тимот на Косово, каде што во 13 натпревари постигна четири голови.

Доколку трансферот се реализира, Барселона за него би требало да издвои околу 30 милиони евра, сума која е достапна за клубот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести