Кристофер Нкуку, напаѓачот којшто игра во неверојатна форма, со двата гола стигна до бројката од 30 сезонава во дресот на РБ Лајпциг, и со тоа му обезбеди пласман на својот тим во полуфиналето од Лигата на Европа.
На гостувањето во Бергамо, против Аталанта, германскиот претставник славеше со 2:0 благодарение на францускиот напаѓач, кој во 18-тата минута најдобро се снајде пред противничкиот гол, додека во 85-тата стрелаше успешно од пенал.
Лајпциг славеше со вкупни 2:1, а во последната рунда пред финалето ќе игра со подобриот од мечот меѓу Лион и Вест хем, кои за помалку од половина час ќе тргнат со резултат 1:1.
Во Конференциската лига, пак, Лестер со пресврт го победи ПСВ во Аајндховен, откако по 77 минути резултатот на семафорот гласеше 1:0 за домаќините, за на крајот тој да биде 1:2.
Еран Захави му донесе водство на домаќинот во 24-тата минута, додека некогашниот првак на Англија израмни преку Џејмс Мадисон со гол во 77-мата минута.
Голема радост за Лисиците донесе Рикардо Переира со својот погодок во 88-мата минута, со кој овој тим се пласира во полуфиналната фаза.