Наполи го идентификуваше Елиф Елмас како идеален играч за засилување на средниот ред на тимот на тренерот Антонио Конте.
Македонецот за време на неговиот престој во Наполи од 2019 до 2024 година ја покажа својата способност добро да се прилагоди на сите позиции во средниот ред и тоа го прави атрактивен за Наполи, особено што играл таму и нема да му треба многу време за адаптација, иако тренерот е друг.
Според италијанските медиуми, Наполи е сериозен во намерата да го земе Елмас, а претседателот Аурелио де Лаурентис веќе испратил понуда до Лајпциг. Понудата била: Оваа сезона Елмас да игра како позајмен за Наполи, а потоа следното лето да го откупат.
„Нема да биде лесно да се оствари оваа зделка со оглед на 25-те милиони евра што Лајпциг ги потроши за да го потпише Елмас од Наполи пред 18 месеци. Сега Наполи нуди помалку од половина од таа сума и мисијата речиси се граничи со невозможното. Но, на трансфер-пазарот, пресвртите се случуваат“, пишува „Ла Газета дело спорт“.