Наполи џабе изведе 18 корнери кога не победи, Реал Сосиедад веќе мисли на осминафиналето во ЛШ (Видео)

Елиф Елмас остана на клупата за резерви кај Наполи во мечот на кој италијанскиот првак на свој терен ремизира 1:1 против Унион Берлин во меч од четвртото коло во Лигата на шампионите. Наполи беше подобар тим на „Диего Армандо Марадона“, повеќе напаѓаше, создаваше шанси, но на крајот не се израдува на трите бода.

Матео Политано донесе водство за Наполи со гол во 39-тата минута, но на почетокот од вториот дел Унион Берлин направи одличен контранапад, кој со погодок го заврши Фофана и израмни на 1:1.

Наполи изведе дури 18 корнери, домаќините имаа и 23 шута кон противничкиот гол и 66 отсто посед на топката, но сето тоа беше џабе кога на крајот освоија само еден бод, па италијанскиот шампион сега има седум бода, додека за Унион Берлин ова беше прв освоен бод во нивната клупска историја на меч од групна фаза во ЛШ.

За разлика од Наполи, домашниот терен го искористи Реал Сосиедад, кој со 3:1 се радуваше над Бенфика. Фуриозни почетни 30 минути имаа домаќините кои поведоа со 2:0 само по 11 минути игра, а потоа им беше поништен еден погодок во 15-тата минута. Во 21-вата минута веќе беше 3:0, а во 29-тата минута Сосиедад имаше и пенал, кој не беше реализиран за уште поубедлива предност.

На почетокот на второто полувреме Бенфика даде почесен погодок, но тоа беше премалку португалскиот тим да се спаси од пораз. Со оваа победа Реал Сосиедад стигна до 10 бода од четири кола и е лидер на табелата во групата во која Интер има 7 бода (вечерва гостува кај Салцбург, кој има само три бода), додека Бенфика останува без ниту еден бод.

- Оглас -

Најнови вести