Италијанскиот калчолигаш Наполи ги договори личните услови со белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку, објавуваат италијанските медиуми. Веќе некое време двете страни се во контакт и трансферот е сѐ поизвесен.
Виктор Осимен многу веројатно за повеќе од 100 милиони евра ќе замине во Париз, а тоа го приближува доаѓањето на Ромелу Лукаку во Наполи.
Со него е договорена тригодишна соработка со плата од 6.000.000 евра по сезона, и останува само Наполи и Челзи да се договорат околу обештетувањето. Англискиот клуб бара 35.000.000 евра, а Италијанците ќе се обидат сумата да биде нешто пониска.
Антонио Конте верува дека Лукаку совршено ќе се вклопи во неговиот систем на игра и дека би можел да формира нов одличен тандем со Хвича Кварацхелија, кој Наполи нема намера да го пушти по никаква цена.