Вечерва започнува последното, 38-мо коло во италијанската Серија А и денеска се очекува да се знае кој ќе биде шампион за сезоната 2024/25. Наполи и Интер се во борба за трофејот, а вечерва ќе играат токму тие две екипи.
Наполи на свој терен го пречекува Калјари, а Интер во исто време ќе гостува кај Комо. На табелата, Наполи е лидер со 79 бода, а Интер е втор со еден бод помалку, што значи дека тимот од југот на Италија е во пол-позиција.
На стадионот „Диего Армандо Марадона“ во Неапол се подготвува „фешта“, а фановите на Наполи очекуваат победа на домашниот тим. Калјари е на 14-тото место и е спасен од испаѓање, па гостите немаат големи мотиви за игра. Ако Наполи победи и освои три бода, сите работи ќе бидат јасни, а тоа е дека Наполи по вторпат во последните три сезони ќе го освои Скудетото.
Интер гостува кај Комо и покрај тоа што ќе брка победа, Нераѕурите ќе мора да чекаат кикс на Наполи. Доколку Наполи ремизира или загуби од Калјари, а Интер победи, тогаш Интер ќе биде првак.
Во игра е и комбинацијата која може да не го даде италијанскиот првак денеска, а тоа е Наполи дома да загуби од Калјари, а Интер да ремизира кај Комо. Во еден таков случај, Наполи и Интер би имале по 79 бода, па шампионот ќе мора да се решава во дополнителен плејоф-меч.
Евентуалниот плејоф-меч кој би го решил шампионот би се одиграл в понеделник, на „Џузепе Меаца“, и тоа е така затоа што Интер би имал подобра гол разлика во однос на Наполи. Меѓусебните два дуели на овие ривали завршија со идентични 1:1.
Калкулации има многу, а вечерва ќе се знае дали драмата околу шампионот ќе заврши или ќе треба да се почека уште некој ден.