Не е само феноменалниот Ерлинг Браут Халанд од Борусија Дортмунд, Норвежаните имаат уште еден добар напаѓач, Александар Сорлот, кој во следната сезона би можело да стане нов соиграч на Елиф Елмас. Наполи е сериозно заинтересиран за Сорлот, кој е прв стрелец во турската лига, играјќи за лидерот Трабзонспор, каде што настапува како позајмен од Кристал палас.
Сорлот има 19 гола и 7 асистенции, со што е убедливо најкорисен напаѓач сезонава во турскиот шампионат. Зад него се Папи Сисе од Алањаспор со 16 гола, Косовецот Ведат Муриќи и нашиот Адис Јаховиќ со по 13 гола. Договорот на Сорлот со англискиот клуб му е до јуни 2022, па Наполи за трансферот на овој 24-годишен играч треба да преговара со премиерлигашот од Лондон.