Италија и Турција ќе бидат земји домаќини на Европското првенство во фудбал во 2032 година, а во Неапол, како еден од градовите каде што би се играле мечеви, стадионот „Диего Армандо Марадона“ ќе мора да биде реновиран пред првенството.
Стадионот ќе претрпи сериозни промени, од кои најголема ќе биде елиминацијата на атлетската патека и трибините ќе бидат веднаш покрај теренот.
Во клубот Наполи, кој игра како домаќин на „Марадона“, размислуваат за три опции што да прават додека траат градежните работи. Со кранови и работници низ стадионот е тешко, но не и невозможно да се игра.
Ако Наполи продолжи да игра дома во Неапол, работите околу реновирањето ќе одат доста побавно, а ако се преселат и го ослободат стадионот, реновирањето ќе трае пократко.
И за реновирањето пред Светското првенство во 1990 Наполи си играше на својот тогаш „Сан Паоло“.
Но, овојпат се размислува и за преселба во друг град, некаде на југот на Италија, каде што има стадиони со лиценци од УЕФА. Такви се стадионите во Бари и Палермо. Резервни опции се и Беневенто и Авелино, но таму не може да се играат европски мечеви, а во Салерно стадионот исто така наскоро ќе биде реновиран.