Ако треба да им се верува на новинарите од Италијанската национална телевизија РАИ, нов тренер на Наполи ќе биде Џанпјеро Гасперини, човекот кој од 2016 година наваму ја води Аталанта.
Според РАИ, Гасперини ќе потпише двегодишен договор со новиот италијански првак и ќе зема плата од 4 милиони евра по сезона. Најавите се дека само што ќе заврши сезоната во Серија А, наполитанците и официјално ќе објават дека се разделуваат со досегашниот тренер Лучано Спалети.
Ова може и да не биде добра вест за Елиф Елмас, кој е еден од милениците на Спалети, па македонскиот Дијамант ќе треба да се докажува кај новиот шеф.
Со Гасперини на клупата, Наполи ќе ја смени и формацијата и ќе игра 3-4-3. Гасперини со себе од Аталанта во Наполи ќе ги донесе младите Хојлунд и Скалвини. На местото на Гасперини, во Аталанта треба да дојде Иван Јуриќ, велат истите извори.