Италијанскиот калчолигаш Наполи започна првични преговори со Тотенхем за трансфер на шведскиот офанзивец Дејан Кулушевски. Спортскиот директор на клубот, Џовани Мана, воспоставил контакт со челниците на лондонскиот клуб во обид да се договори потенцијална зделка.
Сепак, разговорите се во многу рана фаза и засега нема конкретен напредок. Не е јасно ниту дали Тотенхем воопшто ќе биде подготвен да се раздели со Кулушевски, кој е еден од клучните фудбалери во составот на Анге Постекоглу.
Кулушевски не ѝ е непознат на италијанската публика, пред да се пресели во Тотенхем во 2023 година за 30 милиони евра, тој настапуваше за Јувентус и за Парма и има значително искуство од Серија А. Во дресот на Тотенхем има одиграно 138 натпревари, постигнувајќи 25 гола и 29 асистенции.
Наполи, сепак, не се ограничува само на Кулушевски. Клубот разгледува и други опции за засилување на крилните позиции. Една од нив е аргентинскиот талент Алехандро Гарначо од Манчестер јунајтед. Иако 20-годишниот офанзивец не игра на очекуваното ниво оваа сезона, клубот од „Олд Трафорд“ не ја исклучува можноста за продажба доколку пристигне понуда од околу 45 милиони евра.