Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, подготвува нов договор за тренерот Антонио Конте, открива италијанскиот весник „Ла Република“.
Актуелниот договор на Конте важи до летото 2027 година, но раководството на италијанскиот првак сака да ја продолжи соработката на подолг рок. Планот е договорот да биде продолжен за дополнителни две сезони, односно до 2029 година, со што Де Лаурентис јасно покажува дека Конте го смета за еден од главните носители на успесите на клубот.
Според информациите, и самиот тренер посакува ваков развој на настаните, а новиот договор би вклучувал и подобри финансиски услови.
Ваквиот пресврт е особено интересен ако се земат предвид шпекулациите од почетокот на ноември, кога се говореше за можен раздор меѓу двете страни по поразот од Болоња со 0-2.
Во меѓувреме, климата во Наполи значително се подобри, особено по големиот успех остварен пред неколку дена, кога 56-годишниот Конте го одведе тимот до освојување на Суперкупот на Италија, дополнувајќи го Скудетото освоено уште во својата прва сезона на клупата на овој тим.

