Пред помалку од една година се шпекулираше за можна разделба меѓу Наполи и Антонио Конте, но ситуацијата во клубот денес изгледа поинаку. Раководството на Партенопеите испраќа јасна порака дека иднината на тимот ја гледа токму со италијанскиот стратег на клупата.
Наполи во моментов се соочува со тешка задача во борбата за одбрана на титулата. На десет кола пред крајот на шампионатот, Наполитанците заостануваат 11 бода зад водечкиот Интер, па шансите повторно да стигнат до трофејот се сведени на минимум.
„Работиме заедно и правиме планови за иднината. Сè што досега направивме е многу позитивно. Спокојни сме и гледаме напред“, истакна спортскиот директор на клубот, Џовани Мана.
Сезоната не донесе посакуван резултат ниту на европската сцена. Наполи настапот во Лигата на шампионите го заврши уште во главната фаза, откако го освои 30-тото место меѓу 36-те учесници и не успеа да обезбеди пласман во плејоф-рундата.
Оваа сезона и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас има значајна улога во тимот на Антонио Конте.

