Раководството на Наполи повторно стапи во контакт со голманот на Торино, Вања Милинковиќ-Савиќ, објавуваат италијанските медиуми. Српскиот чувар на мрежата беше силно поврзуван со трансфер во Наполи пред неколку недели, но во последно време се чинеше дека Лидс е најблиску до неговиот потпис.
Сега клубот од Неапол повторно ја активирал опцијата, надевајќи се дека ќе инкасира значителна сума од продажбата на Виктор Осимен, со што би добил повеќе простор за активности на трансфер пазарот.
Иако Лидс останува сериозен кандидат, самиот Милинковиќ-Савиќ не брза со одлуката бидејќи има јасна желба да се пресели во Наполи, клуб што има амбиции за борба за титула во Серија А, но и за сериозен настап во Лигата на шампионите, што е една од главните цели на тренерот Антонио Конте.
Според шпекулациите, Торино ќе бара околу 19 милиони евра за да го пушти српскиот голман. Иако Наполи неодамна го продолжи договорот со својот прв избор на голманската позиција, Алекс Мерет, клубот сака да биде добро подготвен за напорната сезона која следува и големиот број натпревари на сите фронтови.