Наполи победнички си замина од Рим, откако со 2:1 го победи Лацио на „Олимпико“. Триумфот на гостите е посебно значаен затоа што до него стигнаа со пресврт.
Лацио прв даде гол преку Закањи по само четири минути игра. Раното водство на домаќините не ги збуни гостите кои тргнаа во напад и тоа им се исплатеше со голот на Ким во 38 минута. Наполи беше многу поконкретен и во второто полувреме, па не беше изненадување голот на Квича Кварацкелија во 61 минута за водство на гостите.
Освен двата гола, Наполи два пати ја погодуваше и рамката на голот на домаќините, па на крајот заслужено стигна до четвртата победа по ред во меѓусебните дуели.
Елиф Елмас влезе во игра во 68 минута кај Наполи и ги одигра последните 20-тина минути за Наполи, тим кој сега е лидер во Серија А.