Нашите навивачи ќе го освојуваат и Вечниот Град, секогаш и секаде за Македонија!

Македонската фудбалска репрезентација ги прави последните подготовки пред дуелот против Италија во Рим, во квалификациите за пласман на Европско првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Освен фудбалерите, последните подготовки ги прават и верните македонски навивачи кои ќе патуваат во Вечниот Град и ќе бидат на „Олимпико“ да ја бодрат нашата селекција.

Меѓу оние коишто се спремни за пат кон Рим се и петмина другари на коишто огромна пасија им е спортот. Дејан Брзанов заедно со Златко Ангелов, Гоце Игевски, Јованче Гиевски и Зоран Наковски повеќе од една деценија се дел од „Фалангата“ која ја бодри Македонија на спортски натпревари без разлика за кој спорт се работи.

„Спортот ни е во крвта на сите петмина другари, а кога игра Македонија, тоа е посебно доживување. Националниот тим секогаш буди посебни емоции. Дебито на големите настани го имавме во Ниш во 2012 година на Европското ракометно првенство за жени. Од тој настап, па досега речиси и да немаме пропуштено големо ракометно натпреварување на кое е дел и Македонија, без разлика дали тоа биле првенствата во Австрија, Унгарија, Полска, Хрватска…“, вели Брзанов.

Ракометот е спортот кој понудил најмногу причини за радост и за бодрење на големи натпреварувања, но посебно било чувството кога македонската фудбалска репрезентација дебитираше на Европското првенство пред малку повеќе од две и пол години. Дејан и другарите секако беа дел од „фештата“ која ја направи македонската Фаланга во Букурешт.

„Фудбалското ЕП беше посебно доживување. Сега немаме шанси да играме на ЕП 2024 година, но се надевам дека ќе имаме барем уште еднаш можност да ја бодриме македонската фудбалска репрезентација на големо натпреварување“, вели Дејан, кој го открива планот за пат кон Рим.

„Со автомобил ќе тргнеме кон Тирана. Од таму со авион ќе патуваме до Рим. Италија е селекција против која традиционално играме добро. Ја победивме во Палермо, неодамна и дома одигравме 1:1, па секако верувам дека можеме повторно да се радуваме на добар резултат“, оптимист е Брзанов.

Секое патување на овие петмина другари се организира плански. Како што велат, буџетот се крои со месеци, а на крајот задоволството да се биде на трибини кога игра некоја македонската селекција е бесценето.

Овие верни другари и уште поверни навивачи на македонската репрезентација веќе го имаат и следниот предизвик, а тоа е ракометниот собир кој во јануари ќе биде на континенталниот собир во Германија.

„Уште од сега имаме обезбедено влезници за трите меча на ЕП во ракомет кое ќе биде во јануари. Веќе имаме направено план и со нетрпение го чекаме и тој предизвик. Покрај бодрењето на Македонија, на овие патувања стекнавме и многу пријателства бидејќи има многу големи љубители на спортот кои ја сакаат Македонија и ги среќаваме на големите натпреварувања. Едноставно, нашето мото е: секогаш и секаде за Македонија“, велат петтемина другари подготвени за патувањето во Рим.

- Оглас -

Најнови вести