Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе се збогува со настапот на Европското првенство, освен ако не се случи чудо во второто полувреме на дуелот против Австрија. По првите 30 минути во мечот на кој Македонија мора да победи, Австрија има предност од 18:12
Домаќините добро започнаа. По 5 минути имаа предност од 4:1. но само две минути подоцна веќе беше 4:4, благодарение на головите на пикерите (два на Стоилов и еден на Пешевски), како и погодокот на Георгиевски. Австрија поведе со 6:4, а потоа во два напади едно по друго Филип Кузмановски не успеа да погоди од зицер ситуации, што ќе донесеа ново израмнување.
Во овој дел од мечот, нашите ракометари не знаеја да ја искористат ниту кога имаа играч повеќе, па Австрија во 19 минута за прв пат поведе со четири гола (10:6). Беше 13:10 за Австрија, кога во само две минути домаќините со три брзи гола од контра напади стигнаа до 16:10 во 26 минута, а потоа Манасков и Стоилов промашија зицери, за Австриците повторно да казнат за предност од 18:10.
До крајот на првиот дел нашите ракометари ја намалија негативата, која сепак останува огромна и недостижна ако се продолжи во ист ритам во вториот дел.