Кошаркарската машка сениорска репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот во Сосновјец има важно гостување кај Полска од квалификациите за Евробаскетот 2025.
Иако Полска како една од земјите домаќини има обезбедено место на ЕП 2025 и не ни е директен конкурент за пласман на шампионатот, сепак не е сеедно дали ќе победиме или ќе загубиме. На конечната табела ќе се бројат бодовите и од дуелите со Полска и со евентуална победа над Полјаците, би си ги зголемиле шансите пред последните четири меча од квалификациите кои ќе се играат во ноември годинава и февруари в година.
Според квотите во Sport Life, домаќинот е голем фаворит за победа, но мотивите се на наша страна. Важноста на мечот ја истакна и селекторот Александар Јончевски.
„Иако Полска е домаќин на ЕП, сепак во квалификациите се бројат и бодовите од мечевите против нив, затоа секој меч е важен, па и овој денешниот. Го гледав мечот на Полска со Литванија, имавме доволно време да ги анализираме, верувам во мојот тим“, рече Јончевски.
Во полскиот тим ќе го нема Матеуш Понитка од Партизан, па главната опасност ќе доаѓа од Александар Балцеровски од Панатинаикос и Михал Соколовски од Наполи, кој беше нивен прв стрелец против Литванија.