12.8 C
Skopje
вторник, 23 септември 2025

Европската титула е нивна, сега ја чекаат и светската круна, и тоа со одличен хуманитарен тикет вреден 2.000 евра!

Англискиот премиерлигаш Челзи е на чекор од остварување на историски подвиг за првпат да стане светски клупски првак. За да стигне до тронот, Челзи треба утре во Абу Даби да го победи бразилскиот Палмеирас во финалето на Светското клупско првенство.

Овој меч со посебно нетрпение го очекуваат сите фанови на Челзи во Македонија, а ги има навистина многу. Најстрасните фанови на лондонскиот тим кај нас, веќе четири години се обединети во Chelsea FC – Supporters Club Macedonia, а нивен претседател е Петар Ангелов. Момчето кое има 23 години и доаѓа од Велес вели дека навива за Челзи уште откога почнал да следи фудбал, а сега со задоволство прифати тој и членовите од групата да состават хуманитарен тикет во Sport Life.

„Кога почнав да гледам фудбал, Жозе Мурињо првпат дојде да биде тренер на Челзи, а таму во тимот беа Дидие Дрогба, Френк Лампард, Џон Тери. Ме плени начинот на играта со која ги освоија титулите во 2005 и 2006 година во Премиер лигата. Немаше една голема ѕвезда како во некои други клубови, туку на теренот делуваа тимски. Мурињо со неговата стратегија пленеше и тоа е една од причините поради кои почнав да навивам за Челзи“, започнува Ангелов.

Петар открива дека и пред неговата идеја да создаде навивачки клуб на Челзи во Македонија, тој постоел, но по некое време згаснал. Тоа му пречело, сакал навивачите на Челзи од Македонија да може да се собираат на едно место, да дискутираат за случувањата во клубот, па затоа ја вратил идејата за фан клуб.

ЧЛЕНСТВОТО НА СИТЕ ФАНОВИ Е БЕСПЛАТНО

„Челзи секогаш имал многу навивачи во Македонија. Во минатото постоеше фан клуб, на кој се сеќавам и одлично работеше. Сепак, тогашните момци кои го водеа, поради приватни обврски го затворија. Јас гледав како многу други клубови имаат свои фан бази, па решив да го возобновам и нашиот фан клуб. Неколку месеци траеше официјалната комуникација со клубот Челзи, а потоа ги добивме сите потребни дозволи за клубот да почне да работи“, вели Ангелов, кој додава дека групата брои над 500 членови и дека секој што сака да се зачлени, тоа може да го стори бесплатно. 

НЕЗАБОРАВНО БЕШЕ СЛЕДЕЊЕТО НА ФИНАЛЕТО ОД ЛШ

Како и сите фан групи во Македонија, навивачите на Челзи постојано организираат собиранки за заедничко следење на мечевите. Сепак, во последниве две години поради пандемијата, собиранките се малку намалени, но, сепак, наоѓаат начин како заедно да го бодрат омилениот клуб. Дури и навивач на Челзи од Англија ги има посетено, и тоа за финалето од Лигата на шампионите.

„Се собиравме во Скопје и правевме одлични дружби за време на мечевите на Челзи. Сепак, со пандемијата работите станаа покомплицирани, па моравме да се снаоѓаме за тоа како заеднички да ги следиме натпреварите. Финалето од Лигата на шампионите го гледавме кај еден пријател во викендичка и одлично поминавме. Најважно е и тоа дека победивме, па дружбата беше врвна. Имавме и гостин, навивач од Лондон кој дојде во Македонија и заедно со нас го следеше финалето од ЛШ. Потоа го прошетавме низ Македонија, го гледаше и пријателскиот дуел Македонија – Словенија, едноставно беше презадоволен од приемот кај нас“, раскажува Ангелов.

ГОСТУВАЊЕ НА „МЕСТАЉА“, ЛАМПАРД Е ВИСТИНСКИ ГОСПОДИН

Македонскиот фан клуб има организирано и едно поголемо гостување, и тоа во Валенсија, во рамките од групната фаза од Лигата на шампиони. Тоа беше во 2019 година, кога Валенсија и Челзи одиграа 2:2.

„Мечот беше добар, чувството да се гледа омилениот клуб во живо е феноменално. На еден ден пред мечот, знаевме дека ќе има прес-конференција, па едноставно стражаревме пред стадионот за да ги начекаме луѓето од Челзи. „Месталја“ е огромен стадион со многу влезови, не знаевме од каде ќе се појават, но ги начекавме. Лампард и Абрахам се појавија пред ставионот, а Лампард кога нè виде, љубезно застана и се фотографираше со сите кои беа таму за да ги поздрават“, се присетува Петар.

Групата требало да присуствува и во мечот од Суперкупот против Вилјареал, кој беше закажан за во Истанбул, но пандемијата ги смени плановите.

„Имавме план да го гледаме финалето во Суперкупот против Вилјареал. Резервиравме билети за Истанбул, имавме и карти за натпреварот, но потоа беше решено дуелот наместо во Турција, да се игра во Белфаст, па пропадна шансата да го бодриме Челзи во освојување на нова титула. Животна желба ми е да одам на „Стемфорд бриџ“ и верува дека по завршување на пандемијата, тоа ќе се оствари“, вели Петар.

СВЕТСКАТА ТИТУЛА ЌЕ ЗАВРШИ НА „СТЕМФОРД БРИЏ“

По титулите во ЛШ и Суперкупот на УЕФА, Челзи утре е во атак на уште еден трофеј. Тоа е пехарот на Светското клупско првенство, кое им недостасува и во 2012 година не успеаја да го освојат откако беа поразени во финалето. Ангелов е оптимист дека утре Челзи нема да киксне.

„За разлика од тој Челзи во 2012 година, кога загуби во финалето, овој тим сега игра многу поинаку. Тогаш Челзи играше дефанзивен фудбал, но сега игра доминантно, што се виде и во дуелите со главните ривали. Против Сити трипати доминираа, дури го имаа и поседот во своја корист против екипа предводена од Пеп Гвардиола. Верувам дека Челзи нема да киксира утре и дека ќе стане светски клупски првак“, анализира Ангелов, кој додава дека за во обложувалница има една интересна тактика.

„Играм во обложувалница, но ретко го ставам Челзи на тикет. Ми се случило дури да одиграм и контра Челзи затоа што доколку загуби, ќе имам добитен тикет, но секогаш повеќе би сакал да победува Челзи. Сега против Палмеирас сите во групата веруваме во триумф и затоа на заедничкиот хуманитарен тикет прогнозата ќе биде победа за Челзи“, завршува Ангелов, кој очекува во следниот период Челзи да освојува уште многу трофеи.

- Оглас -

Најнови вести