Навива за Милан, често има добивки, некогашната кошаркарска ѕвезда состави „гала“ хуманитарен тикет

Поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец Александар Димитровски е најдобриот играч со портокаловата топка кој дошол од Гевгелија, а и сега е поврзан со неговиот омилен спорт во кој можеше да направи побогата кариера ако не беа повредите и еден здравствен проблем.

Популарниот Мачка по завршувањето на играчката кариера, која ја мина во неколку македонски клубови и во полскиот Шлонск Вроцлав, еден период беше спортски директор на Работнички, во кој мина најголем дел од кариерата, а освои титула и со Фени индустри, денешен Еуро Никел.

ТРИ-ЧЕТИРИ ТИМОВИ МУ СЕ ФАВОРИТИ ЗА КУП-ТИТУЛАТА

Сестраниот Димитровски беше најпознат по одличниот шут, а ривалските навивачи ретко го навредуваа. Тој е оптимист за иднината на македонската кошарка.

„Мислам дека македонската кошарка оди во нагорна линија. Ситуацијата во целиот свет е таква каква што е, страда и економијата, музиката, спортот, секаде има проблеми, така и во кошарката, но мислам дека повторно ќе застанеме на нозе. Викендов се игра завршницата од Купот, се надевам дека ќе помине во најдобар ред. Од тоа што го знам од играчко искуство, во куп-натпревари нема фаворити, се игра еден меч, немаш право на грешка. Мислам дека МЗТ и Пелистер се фаворити во нивните мечеви, треба да се види дали ќе победи ТФТ или Работнички, сметам дека некој од овие тимови би требало да го освои трофејот“, прогнозира Димитровски.

Купот „Благоја Георгиевски Буштур“ ќе се игра во салата СРЦ „Кале“, каде што Димитровски има своја улога. И тој жали што нема да има публика на трибините.

„Без публика и со публика е огромна разлика, нема никаква споредба. Јас лично немав никаква мотивација кога требаше да играм во празна сала. Верувам дека и на сегашните играчи тоа им се случува. Во СРЦ Кале работам во организацискиот дел кој го води федерацијата, помагам во тој дел со клубовите кои тренираат и играат во таа сала “, објаснува Димитровски.

Тој беше дел од националниот тим на ЕП 2009 во Полска, па се осврна и на актуелната А репрезентација.

„Со новиот селектор мислам дека ќе има одредени промени, треба да се види каков натурализиран играч ќе одбере. Зависи и од тоа капитенот Стојановски колку ќе може да помогне. Има промени во тимот, доаѓаат нови генерации, не може набрзина да се направи успех, иако бевме навикнати на победи по 2011 година, тоа е успех кој е тешко да се повтори“, реален е Димитровски.

ПРОГНОЗИРА НАВИВАЧКИ НА МИЛАН, НО ПАМЕТИ И КОГА САМО ПОРАДИ РОСОНЕРИТЕ ТИКЕТ ОД 900.000 ИЛЈАДИ НЕ МУ БИЛ ДОБИТЕН

Димитровски се обложува најчесто за викенди, па неговите предлози во хуманитарниот тикет треба сериозно да се земат предвид.

„Посетувам обложувалници, си играм викендашки, сакам за деновите во викенд кога одмарам, да си следам натпревари и со чекањето добивка да ми биде поинтересно. Уплаќам помали суми, а сум имал разни добивки. Еве последната добивка ми беше околу 300 евра, а морав дел од парите да им дадам на татко ми и жена ми, таков ни е договорот. Ми земаат по 10 проценти од добивката“, вели секогаш расположениот Димитровски, чија сопруга е пејачката Тамара Тодевска, а неговиот татко Димитар е познат долгогодишен кошаркарски работник од Гевгелија.

„Не водам некоја статистика колку сум успешен во типувањето, но отприлика на секои четири-пет тикети, во просек еден ми е добитен. Пред Нова година имав тикет кој носеше добивка од безмалку 900.000 денари и утнав само еден меч, оној на мојот омилен тим Милан. Не сакам да се присетувам на тоа“, вели Димитровски.

„Го ставам и Милан на тикетите, последната добивка ми беше токму со Милан на тикет, кога типував ‘два во два‘ на гостувањето кај Јувентус. Можеби беше навивачки, но ете излезе како што посакував. Навивам за Милан уште од времето на Гулит, Рајкард и Ван Бастен, потоа дојдоа Шевченко, Сидорф, итн. Сум бил на „Сан Сиро“, во 1997-98 година. Имам дрес од Шевченко, а имав и еден со името на Ван Бастен на грбот, но искрено не знам каде ми е, не знам дали некој ми го украл или го имам загубено“, раскажува популарниот Мачка.

ПОВТОРНО ПЛИВА ВО УГОСТИТЕЛСКИТЕ ВОДИ

Инаку, Димитровски веќе еден месец ја води „Гала Кујна“ на бензинските пумпи на „Окта“, на три локации во Скопје.

„Новата улога ми е позната, јас и во минатото имав еден обид да влезам во овој бизнис, но, за жал, излезе неуспешен. Поучен од тогашните проблеми, верувам дека сега нема тоа да се повтори“, заклучува Мачка.

 

- Оглас -

Најнови вести