Екипата на Данди јунајтед за која настапуваат македонските репрезентативци Давид Бабунски и Кристијан Трапановски, славеше со 2:1 против Абердин на свој терен во последното коло од првенството на Шкотска. Со оваа победа, Данди заврши на четвртото место, токму пред Абердин и обезбеди пласман во Лига на Европа.
По завршување на мечот, стотици навивачи на Данди втрчаа на теренот за да го прослават триумфот. Од друга страна, навивачите на Абердин разочарано го гледаа славјето на теренот, кога во еден момент, од трибината каде што беа гостинските фанови беше фрлено столче кое заврши директно во главата на гостинскиот играч Мекензи.
Менаџерот на Абердин Џими Телин откри дека Мекензи се чувствува добро, но дека сепак се работи за лоша повреда.
„Ова е неприфатливо и не смее да се случи. Мораме да ги знаеме сите фактори за тоа што всушност се случи. Факт е дека Џек доби многу лоша повреда. Ова не смее да се случува“, револтирано коментираше Телин.
Бабунски и Трапановски беа стартери во тимот на Данди и на теренот играа до 54 минута, а потоа двајцата беа заменети. Абердин водеше со 1:0 до 56 минута, а Данди во последната третина од мечот направи пресврт постигнувајќи два гола за триумф од 2:1 и пласман во Лига на Европа.