Долгогодишен навивач на Ајнтрахт Франкфурт почина во болница на 87-годишна возраст, само по неколку часа откако доживеал срцев удар на стадионот за време на натпревар од Бундеслигата, соопшти германскиот клуб.
Стадионот молчеше додека медицинскиот персонал му помагаше на човекот, чијашто идентификација не е објавена, за време на второто полувреме од натпреварот меѓу Ајнтрахт и Келн во неделата.
„Овој 87-годишнен навивач, кој беше долгогодишен член на клубот и години наназад поседуваше сезонска карта, доживеа срцев удар за време на натпреварот. Иако успешно беше реанимиран на самото место, неговата состојба не можеше да се стабилизира“, се наведува во соопштението на Ајнтрахт.
Клубот упати сочувство до неговото семејство и пријателите, а истовремено им се заблагодари на службите за итна помош за нивниот напор да го спасат животот, како и на навивачите за нивната реакција во тие моменти.

