Еден навивач на Барселона доживеал непријатно изненадување кога наместо на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу неговиот омилен клуб и Њукасл, пристигнал на друг стадион со истото име.
Наместо на „Сент Џејмс парк“ во Њукасл, тој завршил на истоимениот стадион во Ексетер, каде што наместо европски фудбал, гледал натпревар од англиската трета лига меѓу Ексетер сити и Линколн сити.
Двата стадиона се оддалечени речиси 600 километри.
„Еден од нашите волонтери дојде во канцеларијата и ни кажа дека на влезот има човек кој сака да ја гледа Барселона. Неговиот англиски не беше многу добар, но според тоа што успеавме да разбереме, дојде од Лондон“, изјави раководителот на службата за навивачи на Ексетер сити, Адам Спенсер.
„Веројатно се случило затоа што во телефонот напишал ‘Сент Џејмс парк’ и едноставно ги следел упатствата. Беше многу разочаран и малку засрамен, па затоа му обезбедивме билет за нашиот натпревар против Линколн сити“, додаде тој.

