Слован Братислава и Динамо Загреб вечерва во 18.45 часот ќе го одиграат натпреварот од четвртото коло на Лигата на шампионите во Братислава. Динамо со четири бода е на 22-то место во конкуренција од 36 клуба во Лигата на шампионите, додека Слован е на последното место.
Словачката полиција со денови се подготвуваше за доаѓањето на хрватските навивачи, а денеска на официјалната страница на полицијата беше објавено дека вечерта пред натпреварот е забележан голем инцидент. Уапсен е 20-годишен хрватски државјанин кој, според информациите, ги загрозил животите на двајца полицајци.
„Хрватот управувал со возило марка Рено, а полицијата сакала да го запре на пропишан начин, но тој започнал бегство кое можело лошо да заврши. Се наведува дека го насочил своето возило кон полицајците и така им ги загрозил животите. Друга патрола успеала да го запре така што се испречила на патот. Потоа давал отпор, па биле употребени средства за присилно приведување. Кај навивачот била пронајдена дрога, а и самиот бил позитивен на тестот за дрога. Обвинет е за кривично дело неовластено поседување на наркотични и психотропни супстанци“, објави словачката полиција.