Во хрватскиот фудбал веројатно започна сериозна акција против оние навивачи кои не се однесуваат соодветно за време на натпреварите. Еден навивач на Осиек заработи жестока казна поради испад на еден меч на својот омилен тим.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, навивачот фрлил пластична чаша на теренот, и тоа во моментот кога неговиот тим постигнал гол. Едноставно, таков бил начинот на којшто решил да прослави, а сега поради тоа „дебело“ ќе плати.
Полицијата го забележала моментот кога пластичната чаша била фрлена на теренот, бил лоциран навивачот и веднаш добил казна. За фрлање на пластичната чаша, навивачот доби едногодишна забрана за влез на домашните мечеви на Осиек, како и забрана за натпреварите на репрезентацијата на Хрватска во период од една година. Покрај тоа, навивачот ќе плати и парична казна од 1.500 евра.
„Морам јавно да го споделам ова со сите! Ми стигна казна поради фрлена пластична чаша со една голтка пиво во неа. Тоа го направив од среќа кога Осиек даде гол. Полицијата ме казни со ни помалку ни повеќе туку со 1.500 евра парична казна. Исто така нема да смеам да ги следам мечевите на Осиек и на хрватската репрезентација во период од една година. Секогаш кога Осиек или Хрватска ќе игра дома, ќе морам да се пријавувам во полициска станица. Мислам дека нема поголем апсурд од ова. Не знам зошто ваква казна и да ме споредуваат со некои хулигани кои, на пример, со факли палат и оштетуваат нечиј имот. Сите кои ме познаваат знаат каков ‘хулиган’ сум“, стои во дел од објавата на хрватскиот навивач кој ја заработи жестоката казна.