18.8 C
Skopje
петок, 5 септември 2025

Навивачи од 400 клуба го кренаа гласот и вршат притисок на ФИФА и на УЕФА

Фудбалските навивачи од повеќе од 400 клуба во Европа ги повикаа ФИФА и УЕФА да ги блокираат барањата на шпанската и италијанската лига за играње натпревари од нивните национални првенства надвор од нивните земји, објавува АП.

Шпанската фудбалска федерација го одобри планот на Барселона да го пречека Виљареал во Мајами (САД) во декември, во натпревар од Примера дивисион, додека Серија А сака Милан да го пречека Комо во февруари во Перт (Австралија).

Организацијата „Фудбалски поддржувачи на Европа“ (ФСЕ) остро се спротивстави на овие планови и испрати протестни писма до Извршниот комитет на седиштето на европскиот фудбал, УЕФА, во Албанија следната недела.

„Ги повикуваме УЕФА, ФИФА и сите национални федерации да останат цврсти во својата улога како регулатори на играта. Сакаме гаранции дека фудбалот ќе остане вкоренет во нашите земји, каде што му е местото“, напиша ФСЕ, која вклучува навивачки клубови од 25 земји на Стариот Континент.

Евентуалната дозвола за Барселона и Милан да играат натпревари од нивните национални првенства надвор од нивните земји би можела да „отвори Пандорина кутија со непредвидливи и неповратни последици“, предупредуваат навивачите.

Германската фудбалска лига и англиската Премиер лига категорично ја отфрлија можноста натпреварите да бидат преместени во странство.

- Оглас -

Најнови вести